Imprimer Envoyer
There are no translations available.

Назив
Опис и локација

"Св. Преображение"

Манастирскиот комплекс е лоциран во село Буково на околу 6 километри од Битола. Манастирската црква е изградена во 1837 година. Манастирот на почетокот имал монаси, меѓутоа по  повеќе од  пет  децении од неговата изградба монашкиот живот згаснал. Управувањето над манастирот го превзеле мирјаните од село Буково. Внатрешноста на црквата никогаш не била зографисана, меѓутоа нејзиниот ентериер е исполнет со копаничарски дела: Иконостас, едно целивание, две табли поставени на западниот ѕид и еден сандак каде се чуваат свештеничките одежди. Во црквата има повеќе икони од 19 век и една постара икона изработена од непознат зограф во 18 век. Заради густата околна шума и благопријатната микро клима во околината на манастирот, жителите на Битола и околината редовно го посетуваат овој манастир.


 

"Трескавец"

На околу 10км од Прилеп, под врвот Златоврв, подигнат е манастирот Трескавец, со манастирската црква Успение Богодоричино. Манастирот Трескавец се смета дека е подигнат во 13 век, но според сите документи и артефакти, манастирот претрпел уривање и оштетувања во првите години на 15 век, поради што подоцна бил обновуван. Обновувањата се вршеле во неколку наврати, посебно во втората половина на 19 век, од страна на познатиот фреско-сликар Михаел од Самарина, заедно со неговиот партнер Зиси од Крушево. Во црквата се зачувани значајни Византиски фрески. Зачувани се и кујната и трпезаријата од 14 век. Покрај ова зачувани се и вредни уметнички предмети: двокрилна врата изработена во плитка резба, царски врати на иконостасот и Големиот Крст на космитисот кој датира од 17 век.  Планинарска патека низ карпи и ниски треви води од Прилеп до манастирот. Во манастирот  доаѓаат туристи добронамерници од Македонија и целиот свет. Се разбира најпосетуван е за верскиот  празник Богородица на 28 август. Тогаш во манастирот се собираат голем број верници за да го означат овој свет ден.


 

"Св.Архангел Михаил"

Над населбата Варош во Прилеп се наоѓа манастирскиот комплекс со црквата Св. Архангел и манастирските конаци од 19 век. Денешната црква претрпела повеќе преправки, градби и доградби, почнувајќи од 11 век па се до последната обнова во 1861 година. Најстарите изворни податоци сведочат за постоењето на црквата во 11 век. Тоа се откриените фрески на Св. Архангел Михаил и фигура на неидентификуван светец, сочувани врз големите блокови на карпи. Тие две карпи биле малтерисани и осликани во некогашната постојна црквичка, коишто подоцна во непознато време се урнале и во денешни дни постојат ничкум со поменатите фрески во наосот на денешната црква под подот. Денес црквата има форма на еднокорабна градба со нагласен источен и западен дел. Јужната фасада на западниот дел од црквата е сочувана во својот првобитен изглед, додека источниот дел од фасадата претрпел преправки. Изворноста на западната фасада е сочувана во долните партии, додека во горните извршена е реконструкција.


 

"Св. Преображение"

На пространите јужни падини на Бушева планина, обдарени со природни убавини, се наоѓа манастирскиот комплекс Св. Преображение. Лоциран е на надморска височина од 1662 метри на ридот Голоманица, околу 8 км северозападно од градот. Манастирот вандалски е разрушен во почетокот на 19 век, а возобновувањето е започнато во 1986 година, а при подготовките на теренот се пронајдени темели од еднокорабна и една трикорабна базилика. Од таму може да се види целото Прилепско поле. Граѓаните на Крушево сеуште го градат манастирскиот комплекс со многу љубов и восхитувачки ентузијазам, а голема улога во неговата обнова игра трагично загинатиот Тоше Проески кој донира многу средства за негово возобновување.


 

"Св. Богородица"

На отприлика пет километри над селото Сливница се наоѓа Сливничкиот манастир посветен на Света Богородица. Комплексот на манастирот го градат црква посветена на Света Богородица, манастирски конаци и двор. Според натписот во црквата, таа била изградена во 1607 година. А во деветнаесеттиот век била направена дрвена камбанарија и затворен трем. Манастирските конаци ги користат планинари  и   други посетители за ноќевање.


 

"Св. Богородица"

Манастирот "Успение на пресвета Богородица" во Јанковец, Ресенско, е женски манастир. Во него живеат седум сестри. Во манастирските одаи, во тишина и спокој, монахињите создаваат мајсторски дела - осликуваат икони, сложуваат мозаици, ткаат покривки и везат ракотворби. Монасите пет пати во денот одржуваат служба, во лето во црквата, а во зима во параклисот. Служат на црковнословенски јазик. Параклисот е мала полутемна собичка во која гласовите на монахињите, наведнати над светата книга, добиваат надземен звук.


 

"Св.Спас"

На шест километри патување од селото Евла се наоѓа манастирот св. Спас, до кој може да се стигне само пеш или со теренско возило бидејќи е подигната во пештера. На празникот Св. Спас кој секоја година се прославува на различен датум доаѓаат луѓе од целата Преспа, а доаѓаат луѓе од околните села кои припаѓаат под охридскиот регион. Манастирот има одлична местоположба со убав поглед.


 

"Св. Јован  Претеча"

Активен машки манастир.
Се наоѓа во непосредна близина на  с.Слепче. Се претпоставува дека е изграден во 14 век  со директна помош од Охридската архиепископија. Манастирот претставувал важен резбарско –сликарски центар, но исто така е познат по својата книжевна дејност каде се преведувале и препишувале Богослужбени книги за црквите во Демирхисарско и пошироко. Денес во црквата се наоѓаат повеќе значајни уметнички предмети, меѓу кои се истакнува Големиот Крст со Распнатиот Христос од 16 век, Царските двери (оштетени од пожарот 1972) како и интересните певници изработени во копаница. Со манстирот управува Отец Серафим.


 

"Св. Атанасиј Александриски"

Активен женски манастир.
Манастирот “Св. Атанасиј Александриски” се наоѓа помеѓу Демир Хисар и Крушево, три километри над селото Журче, во срцето на планината. Познато е дека манастирската црква е подигната во 1121 година и целосно е живописана во 1617 год. По својата архитектурна форма манастирската црква е малечка, со правоаголна основа и петострана олтарна апсида на источната страна. Таа е меѓу ретките манастири во Македонија и Балканот. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат стари конаци, изградени најверојатно во првите децении на 19 век. Тие биле урнати во 1895 година, а новиот конак е изграден во поново време, односно по Првата светска војна. Треба да се знае дека низ вековите постоела и успешно работела библиотека и читалиште.


 

"Св. Илија"

Mанастирскиот комплекс "Св.Илија" кај с.Големо Илино, покрај духовната дејност, се користи и за сместување на сите верници и посетители. Има капацитет од 26 легла.


 

"Св. Богородица"

Почнувајки од старите времиња кога христијанството се пренесло од Азија во Македонија, црквата “Cв. Богородица” с. Суводол била една од најстарите цркви на овие простори. Но со текот на времето поради честите војни на овие простори црквата пропаднала, но заветот за Св.Богородица се пренесувал од генерации на генерации и пред неколку години манастирот е возобновен. Стилот на градба на овој манастир e византиски. Посетеноста на овој манастир е доста голема и поради двете езера покрај манастирот и изворедната природна убавина.


 

"Св. Тома"

Манастирот “Св. Тома” е во манастирите од локален карактер. Тој бил разрушен во 18 век, а возобновен во 2002 година. Подигнат е на старите темели, со основа во форма на четирилисна детелина. Самата градба зборува дека спаѓа меѓу најстарите манастирски цркви во Демирхисарско и Македонија. Ваква градба е вистинска реткост. Од неговиот двор како на дланка се гледаат демирхисарските села и полето.


 

"Св. Никола" (Топлички)

Од многуте цркви и манастрири по староста, работењето и живописите се издвојува манастирот “Св. Никола Топлички” во регионот помеѓу селата Жван и Слоештица, изграден во 14 век. Со сигурност се знае дека во 1537 год. повторно е изведен живопис во внатрешноста на цркавта. Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и западната страна. Манастирот е ставен под заштита од Институтот за заштита на спомениците на Р. Македонија. Низ вековите манастирот бил не само религиозен туку и културен, просветен и книжевен центар. Во манстирските конаци се одвивала плодна преведувачка, препишувачка и оригинална книжевна дејност.


 

"Св.Преображение"

Манастирот Свето Преображение се наоѓа на 34 километри северозападно од Прилеп, на 1000 метри надморска височина во подножјето на планинскиот масив Даутица. Манастирскиот комплекс во минатото заземал многу поголема површина отколку денес (7000 м²). Иако досега се мислеше дека манастирот е од 14 век, благодарение на резултатите од најновите археолошки истражувања од 2008 година, се утврди дека почетокот на зрзеското монаштво датира од 9 век. Од тој период е и монашката населба на испоснички ќелии издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа, на северната, источната и јужната граница на манастирскиот комплекс. На локалитетот може да се видат наоди од праисторијата, бронзеното време, енеолитот, од раната и од доцната антика, од средниот век и од отоманскиот период. Него го чинат храмот „Свето Преображение“ (14 век) , храмот „Светите Петар и Павле“ (од 17 век), кулата на камбанаријата, монашките конаци и помошни објекти. Денес манастирот Свето Преображение - Зрзе е епископско седиште на секретарот на САС на МПЦ, епископот Хераклејски г. Климент.


 

"Св.Илија"

Манастирот се наоѓа во непосредна близина на селото Градешница. Изграден е во 1826 година. Манастирот е од цврста градба, ѕидан од камен, фасадиран со вар и песок, храмот на манастирот е еднокорабен и зографисан. Во Првата Светска Војна оштетен, а во 1926 година обновен. Во манастирот е Брешката чешма, позната по бистра и лековите вода.


 

"Св. Богородица"

Изграден е на 1 км во близина на с.Новаци, десно од брегот на Црна Река. Во 2006 година беше изграден само храмот на манастирот кој претставува монументална христијанска градба со 8 кубиња покриени со бакарни плочи, измалтарен со бел малтер. Манастирот е трокорабен, со апсида на која се зографирани Св.Ѓорѓи Богослов, Св.Николај Миронски, Св.Василиј Велики, Св.Јован Златоуст, Св.Алексеј Велики и Св.Иларион Александриски во природна големина. Над нив е фреска со големина од скоро четири на два метра висина од ликот на Пресвета Богородица. На највисокото кубе, кое е зографисано е претставен ликот на спасителот Исус Христос. Манастирот од неодамна е и осветен.


 

 


Социјални мрежи

Оваа публикација е изработена со помош од Европската унија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Регионална развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА, и во никој случај не треба да се сфатат како одраз на ставовите на ЕУ.
Македонски (Macedonian)French (Fr)English (United Kingdom)

Како до Пелагонија

Фото Албум

SPONSORS

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп