Е-пошта Печати

Селото Зовиќ е лоцирано во општина Новаци, во битолскиот дел на Мариово. Распослано е во живописна природа, на релјеф проткаен со кањони. Во селото течи реката Градешница, која извира на планината Ниџе, а се влива најпрвин во река Сатока, а потоа и во Црна река. Првото име на селото било Б`зовиќ, затоа што во неговата околина на огромни површини вирее растението "бозел". Селото брои 30-40 куќи, а населението што живее во него главно се занимава со земјоделие и тоа со производство на: овес, `рж, јачмен, просо, леќа и афион.

На мостот во селото преку кој се оди до прилепскиот дел на Мариово, односно до селата Бешиште и Полчиште,  најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски сними дел од својот филм "Прашина". Oд тогаш овој мост стана туристичка атракција која  редовно ја посетуваат странски и домашни туристи. Заради својата популарност мостот доби име "филмски мост" и претставува една од најфотографираните и најпосетените локации во цело Мариово. Неговата атрактивност, неговиот изглед и местоположба се причина заради која за време на викендите во селото да има повеќе домашни или странски гости, отколку локални мештани.

Точниот датум на изградба на овој мост е непознат, ниту пак е познат перидот во кој тој бил изграден. Она што со сигурност се знае е само дека првобитната конструкција му била дрвена. Имајќи го во предвид историското минато на овој крај, може да се заклучи дека преку мостот кој е со скромни димензии, поминувал турски аскер, војводи, чети, армии, воени едници и голем број на вредни селани. По едно големо оштетување тој е реконструиран и го добил денешниот изглед.

На карпа пред еден од влезовите на мостот зачувана е фреска на која е насликан Свeти Ѓорѓи, која била дел од црквичето што некогаш постоело таму. Фреската е возобновена во денешно време, просторот пред карпата е уреден, поставена е масичка и клупа кои заедно со мостот, живописноста на околината, и жуборот на реката Градешница создаваат атмосфера која го исполнува духот и ги смирува сетилата.

 

 

 

Социјални мрежи

Оваа публикација е изработена со помош од Европската унија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Регионална развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА, и во никој случај не треба да се сфатат како одраз на ставовите на ЕУ.
Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

Како до Пелагонија

Фото Албум

~ дополнителни информации ~

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп