Е-пошта Печати

Манастирскиот комплекс е изграден на доминантно плато, од каде што има живописен поглед кон дел од Пелагониската рамнина. Во минатото, првобитниот манастирски комплекс зафаќал површина од седум илјади метри кавадратни, утврдени со ѕидини и одбрамбени кули. Остатоците од нив се видливи и денес, надвор од денешната манастирска целина која се состиои од црквата "Свето Преображение", камбанарија, и конаци  изградени во поново време. На источната и јужната страна од манастирот некогаш имало монашки келии, чии остатоци се видливи и денес.

Во близина на манастирот откриени се остатоци од неколку цркви. Најзначајни од нив се  "Св. Константин и Елена", "Св. Архангел", и "Св.Атанасие". Овие остатоци, заедно со другите материјални докази од поблиското и подалечното минато на манастирот посочуваат на тоа дека тој бил средиште на организиран монашки живот, а црквите околу него биле манастирски скитови (испоснички келии).

Манастирската црква "Свето Преображение" има уникатни икони и фрески, кои редовно влегуваат во сите енциклопедии на светскиот иконопис. Една од нив е иконата „Исус Христос“, изработена во 1393 година од зографот Митрополит Јован, а другата, „Богородица Пелагонитиса“, дело на зографот јеромонах Макарие, изработена во 1422 година, едно од најфасцинантните дела од средновековниот период. Иконите, од стилско-иконографски аспект се исклучително вредни примери на нашата средновековна традиција.

Денес, манастирот е седиште на секретарот на Македонската Православна Црква- епископот Хераклејски господин Климент. Манастирскиот комплекс е лоциран на 34 км. северо-западно од Прилеп и е отворен за посета секој ден.

 
~ дополнителни информации ~

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп