Патеки на поврзување на манастирите и црквите преку планинските врвови на Баба Планина

Е-пошта Печати

Патека:   Маловишта – Св. Ана – Сливнички манастир.

Со пешачењето започнувате од средишниот дел на селото Маловишта, до каде што води асфалтен локален пат поврзан преку селото Кажани со магистралниот пат Битола - Ресен. Правецот на движење по кој што продолжувате е исток-запад, низ централната калдрмисана улица во селото. За околу 5-10 минути поминуваме крај црквата Св. Петка. Во продолжение на патеката, за брзо време ги напуштате и последните куќи од селото и продолжувате кон манастирот Св. Ана. Патот продолжува по мостот  преку кој го преминуваме потокот. Заради густата шума конаците на манастирот ќе ги забележите дури кога ќе пристигнете непосредно до нив. Оваа делница се поминува за најмногу 1 час. За да отидете во црквата на манастирот ќе треба да продолжиме со движењето кон запад за уште околу 500 метри, сметано од viagra vegetal конаците.
Од манастирот Св. Ана патот продолжува повторно низ букова шума и низ прилично стрмна нагорнина се искачува кон сртот на планината и кон месноста која меѓу локалното население е позната под топонимот Кодро. Од Св. Ана до Кодро нема да пројде повеќе од еден час.
Од оваа локација, пред да се префрлите на преспанскиот дел од планината постои можност да посетите уште една црква од околината на Маловишта. Тоа е храмот посветен на празникот Вознесение Христово или Спасовден кој се наоѓа на висина од 2000 метри. До него се стигнува кога од месноста Кодро ќе се упатиме по маркираната патека која преку сртот наречен Чун, води кон север и која со трасата поставена нешто под сртот на планината за околу еден час ќе не однесе до црквата. Од оваа доминанатна местоположба, можете по мошне стрмна патека да се спуштите назад во селото Маловишта за околу 1,5 час, или, повторно  по сртот на планината и локалитетот Кодро да се префрлите во преспанскиот дел. Од Кодро до Сливнички Манастир пешачењето е во правец на југ и трае околу 3 часа. И овде градбите ќе го здогледате дури кога ќе се доближите непосредно до нив.
Присуството во Сливничкиот манастир е пожелно да се искористи и за посета на црквата Св. Ѓорѓи над селото Курбиново, најзначајниот сочуван културен споменик во регионот. До црквата Св. Ѓорѓи (1072 м.н.в.) можете да се спуштите и по шумскиот пат кој доаѓа од Кодро па потоа повторно да се искачите кон Сливничкиот манастир, или пак обратно, од Сливничкиот манастир (1300 м.н.в.) за околу еден час да се спуштите до црквата Св. Ѓорѓи над Курбиново.

Село Маловишта
Селото е единствената населба во рамките на Националниот Парк “Пелистер“. До неа со возило се пристигнува ако на магистралниот пат кој ги поврзува Битола и Ресен се исклучите кај селото Кажани и оттаму по тесен асфалтен пат продолжувате кон југ до селото Маловишта.
Самото село е подигнато врз стрмните падини од планината, на местото каде што повеќе помали водотеци се вливаат во Маловишка река и оттука заедно продолжуваат со спуштањето кон север под името Шемница. Надморската висина на која е поставена населбата, варира од 1080 м. на влезот во селото до околу 1230 м. во најгорните делови. Од наведените показатели се потврдува дека Маловишта претставува највисоко населено место во целиот потпелистерски регион.
Историските извори за првпат го регистрирале селото Маловишта кон средината на 15 век, како мала населба со триесетина жители. Својот најголем процвет населбата го достигнала кон средината на 19 век кога практично претставувала мала градска населба со впечатливи градби на два или три ката, калдрмисани улички и камени мостови, јавни чешми, дуќани и училишта. Во повеќето од 500 станбени објекти живееле помеѓу 2500 и 3000 жители.

Храм Св. Петка, с.Маловишта
Потврда и белег на највисоките културни и духовни дострели на маловиштаните, на нивната економска моќ и развојот што го достигнала населбата кон средината на 19 век, секако дека е монументалниот централен храм посветен на христијанската римска маченичка Св. Петка. Најбитната карактеристика за овој храм, изграден во 1856 година, е тоа што во него се соединуваат највисоките дострели на архитектурата, ѕидното сликарство, иконописот и црковната резба од времето на 19 век во поширокиот регион. Во големата градба со базиликална основа, изведен е живописот на сводните партии во 1858 година. Големиот иконостас изведен од ореово дрво во длабока резба, според зачуваниот натпис бил изработен во 1892 година, од резбари чија активност се поврзува со епирските уметнички кругови. Многу важна содржина на оваа црква претставува и големиот број на икони кои се сочувале во нејзините простории. Најстарите икони од оваа збирка се датирани кон крајот на 16 или на почетокот од 17 век, за да со оние од почетокот на 20 век, дефинираат хронолошки рамки од приближно четири столетија. Денес оваа значајна збирка на икони е изложена и достапна за посетителите,  во горните простории на црквата.
Околу самата населба жителите успеале да изградат уште неколку црквички. На приодот кон селото, пред речиси стотина години е подигната црквичката посветена на Св.Ѓорѓи. Јужно од последните куќи, над реката Шемница, на мала височинка се наоѓа параклисот посветен на Св. Атанасиј Велики а високо во планината под врвот Пирамида на околу 2000 м. н. в. е црквичката посветена на Христовото Вознесение или  на празникот Спасовден, како што популарно се нарекува меѓу локалното население.

Црква Св. Ана, с.Маловишта
Значајно светилиште, чие празнување (06-07. август, н.с.) претставува и селска слава на селото Маловишта, е црквата Св. Ана. Комплексот на црквата и придружните објекти во нејзината непосредна близина се наоѓаат на околу 2,5 км. југозападно од селото, на висина од околу 1400 метри, опкружени со висока и густа букова шума. Денешната црква претставува трикорабна градба подигната во 1936 г. на местото од постарата црквичка, крај едно изворче со бистра планинска вода, која меѓу локалните жители е почитувана како лековита. Интересно е што овој извор со света вода, во минатото извирал од коренот на едно големо буково стебло, чии остатоци сеуште се наоѓаат во просториите на стариот параклис прилепен на западниот ѕид од црквата.
Според усните преданија и искуствата на многумина, Св. Ана на верниците со силна и искрена верба, често им помагала во лечењето од разни болести како и за добивање пород и семејна среќа. Најповеќе од тие причини, празнувањето на денот посветен на Успението на св. Ана е толку масовно и  покрај фактот што до манастирот се пристигнува од Маловишта, исклучиво со пешачење за период од околу еден час. Вечерта на 06. август и во претпладневните часови на 07. август, вистинска река од луѓе се пробива низ густата букова шума, за да се поклонат пред светилиштето посветено на мајката на Св. Богородица.
При посетата на манастирот најдобро е присуството да го најавите кај претставниците на локалната црковна управа: Анастас Палигора 047/ 288-056 или кај Ташко Бего 047/ 288-545.  Во конаците има можност за сместување и престој на околу 70 посетители. За нив може да се приготвува храна во главната кујна а истовремено можат да се служат и со манастирската трпезарија. Од локалните специјалитети пожелно е да се пробаат познатите влашки пити и зелници со сирење, тиква, праз или  со киселец кој се собира низ околните ливади. Од изминатите времиња задржана е традицијата на подготвување на јагнешко печено месо на жар.

Црква Св. Спас, с.Маловишта
Највисокото постоечко светилиште на територијата на Националниот парк “Пелистер“, како и во поширокиот регион на планината Баба, и едно од ретките во Р. Македонија, изградени на надморска висина од преку 2000 метри, е црквичката посветена на Вознесението Христово или Спасовден. Чувството кое преовладува при посетата на црквата е лична возвишеност инспирирана од глетката што се протега од  оваа доминантна точка. Пред нас, како на дланка се протегаат пејсажите на Преспанското Езеро и ресенската котлина, највисоките  врвови на Галичица и на Пелистер а кон исток, хоризонтот се исцртува далеку до мариовските предели и врвот Кајмакчалан. На ова место, секогаш во четврток, четириесет дена по празникот Велигден,  доаѓаат бројни посетители на црковната прослава која  постепено прераснува во масовен и несекојдневен настан.

Сливнички Манастир     
Во манастирот посветен на Раѓањето на Св. Богородица над селото Сливница со векови, секоја година на 20/21 септември на денот на Раѓањето на Мала Богородица, доаѓале верниците од сите преспански села, но и од селото Маловишта од другата страна на Пелистер.
Сливничкиот манастир се наоѓа на 4,5 км над преспанското село Сливница, на надморска висина од околу 1300 м. Денес од селото до манастирот се пристигнува мошне едноставно по тесниот асфалтен пат. Манастирот во своите конаци има капацитет за сместување на околу 70 посетители. Во кујната е можно да се организира подготовка на традиционални преспански специјалитети (ѓомлезе, зелник, тавче графче или разни печива). Своето доаѓање посетителите треба да го најават кај Ацо Наумовски на тел. 071/834-578.
Манастирската црква е изградена и осликана во 1607 година. Таа претставува мала еднокорабна градба со едноставен кров на две води, без куполи и било какви украси на фасадите. Многу важна содржина на оваа црква е ѕидното сликарство во најстариот дел на црквата од 1607, во припратата од 1712 г. како и она од некогашната западна фасада а денес во тремот на црквата. Тоа е сочувано речиси во целост и претставува еден од најзначајните репрезенти  на сликарството од поствизантискиот период во Р. Македонија воопшто. Од сликаните композиции вниманието посебно го привлекуваат: најстарата заедничка претстава  од 1712 г. на најпознатите словенски просветители или на Седмочислениците како што се нарекуваат во науката Кирил, Методиј, Клумент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Следат претставите на сцените со Христовиот живот и страдања и на сликаните циклуси инспирирани од црковните песни посветени на Богородица. Иконостасот во црквата е исто така сочуван во својата изворна состојба, каков што бил acheter viagra pas cher usa бо првите децении од 17 век. Од содржината на иконостасот вниманието го привлекуваат средишните таканаречени Царски двери и големиот крст, поставен како завршница во горниот дел, изведени во плитка стилизирана резба. 

Црква Св. Ѓорѓи, с.Курбиново
Селото Курбиново, е соседно село на Сливница и до него  од Сливничкиот манастир се пристигнува за околу 1 час пешачење. До Курбиново се пристигнува и по регионалниот пат Р – 505,  Макази-Маркова нога. Од селото Курбиново до старата црква постои тесен асфалтен пат во должина од околу 3 км.
Посетата на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново треба да се најави кај Митко Ристевски од истото село, на тел. 071/288-819.
Црквата Св. Ѓорѓи според својот надворешен изглед со релативно скромните  димензии (15 м. долга и 7 м. широка) на прв поглед не оддава впечаток на некаков исклучително значаен споменик.. Прецизното  датирање било потврдено дури кон средината на 20 век, со што стана сосема јасно и очигледно дека  сликарството во оваа црква потекнува од 1191 год. односно од времето на владеачката византиска династија на Комнено-Ангелите. Според нив, сликарството со карактеристикита на тоа време го добило името Комненски стил. Денес преовладува мислењето дека фреските во црквата според своите стилско-ликовни карактеристики се примери на највисоките дострели  во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност. Авторите на ова сликарство, за кои се претпоставува дека се двајца, со своето творештво се потврдиле како високо образовани личности и врвни таленти на своето време. Во првата зона се насликани поединечните претстави на поважни светители претставени во цел раст. Над нив се циклусите кои ги илустрираат Христовиот живот и страдања. Од локално почитуваните светители би ги издвоиле претставите на св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, св. Ахилиј Лариски и св. Марена. 
Основни карактеристики на ова сликарство се нескротливите линии како првостепено изразно средство  и издолжените елегантни и грациозни фигури околу кои доминираат развиорените набори на драпериите. Изборот на боите е исто така дел од оригиналноста на овие мајстори.

 

 
~ дополнителни информации ~

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп